Внатрешен прогрес за подобра надворешна позиција
Да не се запоставуваат преземените обврски кон меѓународната заедница поради политички односи и интересите на одредени поединци. Ова се препораките на неколкумина аналитчари што се слушнаа на конференција во Скопје. 25 години по независноста, Македонија на меѓународен план е во стагнација. Проблемот со името се наметнува како пречка за напредок што се одразува лошо на демократските процеси и на внатрешните политички и социјални состојби...

Време е посредникот Нимиц да му реферира на Советот за безбедност дека двете земји се далеку од решение во спорот за уставното име на земјава, смета првиот амбасадор на земјава во Грција, Љупчо Арсовски. Наместо тоа, порачува Македонија да не ги запоставува преземените обврски кон меѓународната заедница и да им се врати на критериумите кои своевремено ги исполнивме како држава, што, пак, поради политичките односи и интересите на одредени поединци ги извитоперивме.
Во време на криза на либералната демократија, кога се преиспитуваат и највлијателните меѓународни организации и институции, земјава ќе мора вели аналитичарот Сулејмани, да се сврти кон надминување на слабостите и пропустите пред се на внатрешен план.
Во земјава јазот помеѓу богатите и сиромашните станал најголем не само во однос на европските, туку и во однос на поранешните советски држави, велат од невладината Солидарност. Тоа покажало дека Македонија изградила систем со кој ја игнорираше социјалната правда како основен предуслов за општествен напредок.
На конференцијата посветена на 25 годишниот развој на самостојна Македонија, организирана од невладината МЦМС и Обединетата македонска дијаспора, освен експерти учествуваа и претставници на политичките партии.
Фиљана Кока
