СДСМ бара укинување на Законот за лустрација
СДСМ со предлог закон бара мандатот на Комисијата за верификација на фактите да заврши една година порано од предвиденото. Како што образложи Горан Сугарески, Лустрациска не може да заседава и да носи нови решенија. Ова е обид со закон да се минимизира направеното зло, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ. Комисијата за лустрација до 2017-та може да ги заврши почнатите предмети, рече Илиоски.

СДСМ бара престанок на работата на Комисијата за лустрација една година порано од предвиденото законско решение. Таа не може да заседава и да носи нови решенија, образложи Горан Сугарески, а со тоа како што рече, во буџетот ќе се заштетат 300 илјади евра. Според него, доказ дека лустрацијата не ја постигна целта се и 20-те поништени решенија од Управниот суд.
Ова е обид со закон да се минимизира направеното зло, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ. Должност на Комисијата е да ги доработи веќе отворените случаи и да постапува по нив. Кој ќе решава по судските одлуки, ако се укине лустрациска, праша Зоран Илиоски.
Факт е дека лустрацијата почна со задоцнување, сметаат од ДУИ. И покрај забелешките за спроведениот процес, како што рече Рафис Алити, не треба да се избрзува со одлуката за укинување на Комисијата.
Мандатот на Комисијата за верификација на фактите е до конечното завршување на постапките, а не подоцна од 2 години од денот на примената на законот што беше донесен на први септември 2015.
Милчо Велески
