Чичаковски: Надминувањето на изборниот праг го доведува во прашање еднаквото право на глас

14.09.2016 15:55

Надминувањето на изборниот праг го доведува во прашање еднаквото право на глас на граѓаните на претстојните предвремени парламентарни избори. Претседателот на Државната изборна комисија бара од Собранието да се донесат измени на изборниот законик, за да се реши проблемот со отстапувањето во шестата изборна единица...

Додека пратениците не откриваат што ќе преземат и дали меѓупартиски бараат решение со вишокот гласачи во шестата изборна единица претседателот на ДИК и членовите го чекаат исходот односно измените во изборниот законик. Чичаковски дециден дека прашањето треба да го реши Собранието.

„Надминувањето на прагот од +/- 5 отсто дефинитивно го доведува во прашање еднаквото право на глас на сите граѓани во Република Македонија“, изјави денеска Чичаковски.

Според партиски информации во Собранието за вишокот од 0,28% гласачи во шеската засега нема договарања. ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни трите партии да донесат решение, а тие ќе го прифатат. СДСМ пак со став институциите да си ја завршат законски работата.

И додека од ДУИ се недостапни за коментар, во ДПА велат дека има време да се направи долготрајно, а не инстант решение само за овие избори. За нив најдобро е да се прекројат границите на третата, четвртата и шестата изборна единица бидејќи во првите две има помал број гласачи од оној пропишан праг на плус минус пет проценти.

Со вакви пропорции на изборните единици, тврдат во ДПА, албанскиот кампус губел до четворица пратеници. Во оваа партија очекуваат во следниов период пратеници од мнозинството да предложат измени за прекројување на шестката. Дебар, но и Зајас неофицијално се во игра за премин во петтата изборна единица, но оваа информација сѐ уште никој не ја потврдува.

 

Миле Ристески