Веспрем е предизвик, макар и пријателски
Не минаа ни 10-тина дена од настапот на нашите најдобри ракометари на европското првенство...
Не минаа ни 10-тина дена од настапот на нашите најдобри ракометари на европското првенство, а ракометот одново ја одржува спортската тензија кај нас. Не може да биде поинаку кога макар и на пријателски натпревари гостува најуспешниот унгарски клуб и екипа што има 7 победи на исто толку натпревари во тековната сезона од лигата на шампионите.
20 пати шампион на Унгарија, 2 трофеја од купот на ЕХФ, финалист и двапати полуфиналист во лигата на шампионите, моќен состав предводен од Ласло Наѓ, со плејада интернационалци како Сулиќ, Илиќ, Руесга,Родригез,Алиловоч, сите со по повеќе од 100 настапи во дресовите на Шпанија, Хрватска, Србија и Унгарија. Веспрем е предизвикот за македонските претставници во европската елита, како последна контрола пред клучните средби во лигата на шампионите.
„Секогаш е задоволство да се дојде во Македонија, земјата каде што ракометот се живее. Многу наши играчи беа на европското првенство, па натпреварите со Вардар и Металург се можност да се вратиме во ритам“-изјави на денешната средба со новинарите тренерот на унгарскиот шампион Антонио Ортега.
Согласен со својот тренер е и еден од најдобрите ракометари во светот Ласло Наѓ:„ Долго бевме надвор од екипата, ова е одлична можност да се консолидираме и да видиме до каде сме пред натпреварите во лигата на шампионите“.
Натпреварот со Веспрем е првиот предизвик за новиот предводник на македонскиот шампион Вардар, Раул Гонзалес:„Нов сум во екипата,ќе пробаме нови работи вечерва на мечот со Веспрем, очекувам да функционира на високо ниво. Имаме повредени играчи, но треба да се соочиме со тоа , да се адаптираме и да научиме како да се одржуваме и во напад и во одбрана, зошто идната недела ни е клучниот натпревар во лигата на Шампионите против Динамо Минск.
Капитенот на Вардар, Филип Лазаров поради повреда ќе ја пропушти контролата со Веспрем, но го искористи пресот да му посака добредојде на новиот тренер од сите играчи со надеж за успешна соработка и продолжување на успешните резултати.
Натпреварот Вардар –Веспрем ќе биде одигран вечерва од 17 часот и 45 минути во салата на СРЦ Кале, а МРТ ќе го пренесува на првиот програмски сервис.
