ФБИ: Американците да бидат претпазливи
Американците да бидат претпазливи, но да не се плашат, е советот на директорот на ФБИ до американските граѓани. За да не се случат терористички напади како во 2001-та, американските безбедносни служби веќе десет години се интегрирани во заедничко тело за размена на информации...

Безбедносните закани се поинакви отколку во 2001-та. Терористички напади се случија на американско тло, а во сите 50 сојузни држави постојат ќелии на терористи. Американците треба да бидат претпазливи, но да продолжат да си го живеат животот без страв, вели директорот на Федералното Биро за истраги.
„Ги поттпикнувам сите Американци да живеат во жолта зона на претпазливост. Со здрава свесност дека навистина има лоши работи надвор и луѓе коишто сакаат да не убијат, но не да не онеспособат во парализирачка состојба на портокалова или црвена зона“, вели Џејмс Комни, директор на ФБИ.
Екстремистите и криминалците го користат интернетот, па спречување на компјутерските напади и закани се приоритет на американските безбедносни служби.
„Треба да се земат предвид работи од надворешната политика кога се справуваме со случаи што имаат огромно влијание на тоа како ги користиме инструментите за контратероризам и нашите дипломатски односи“, смета Лиза Монако, советник за контратероризам во Бела куќа.
По терористичките напади на 11 септември, американските безбедносни служби формираа Дивизија во Департментот за правда за национална безбедност, за поголема интеграција и размена на информациите меѓу државните институции. Десет години од формирањето на ова тело, државните институции се повеќе интегрирани, но потребна е поголема соработка и со приватните компании за воспоставување на рамнотежа меѓу приватноста на граѓаните и информациите што се потребни за безбедноста.
За поголема безбедност, според првиот човек на ФБИ потребна е транспарентност за да Американците се свесни за безбедносните опасности.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
