Две и пол години затвор за поранешниот известувач за Македонија во ЕП

31.01.2014 16:22

Две и пол години затвор и парична казна за поранешниот известувач за Македонија во Европскиот парламент Зоран Талер.

Словенечкиот европратеник е обвинет заради корупција. Талер „се закачил“ на јадицата на англискиот Сандеј тајмс чии новинари му се претставиле како лобисти и за награда од 100.000 евра побарале од него да посредува за донесување на некои од законите во ЕП.

Словенечката полиција поднесе пријава против Талер, а тој потоа се спогодил со обвинителството.

„ Формално со таа спогодба ја признавам вината. Пред две години, и покрај тоа што се противев, бев втурнат во шоуто на „Сандеј тајмс" во сопственост на Мердок, а со овој договор доброволно ќе излезам од тоа шоу"- изјави Талер кој доби казна од 15.000 евра кои ќе бидат донирани на Педијатриската клиника во Љубљана, а затворската казна ќе ја издржува на крајот на секоја недела. Тој исто така ќе нема право да се вработува во јавна служба пет години.

Ексевропратеникот и поранешен министер за надворешни работи во Словенија во март 2011-тата на неговата последна прес-конференција ја отфрли вината и рече дека доброволно се откажува од функцијата.

„ Ја известувам јавноста дека денеска давам отказ на местото европски пратеник. Со овој чин сакам да се овозможи истрага на сите факти и околности на овој обид за компромитирање, да тече без какви било задршки и притисоци. Во согласност со своите етички стандарди, сакам сета вистина да ја види светлината на денот и да се покаже кој работел законски, а кој не во сите правци. Мојот мотив во целава постапка е во следново, да се докаже кои се тие што сакаат да компромитираат европски пратеници и мене како известувач за Македонија?!“ - истакна Талер на неговата последна прес-конференција во март 2011-та.

Зоран Талер сега е невработен, а покрај него во замката на „Сандеј тајмс" паднале и уште тројца други пратеници од Европскиот парламент, меѓу кои и австрискиот пратеник на кого судот во Австрија му ја поништи четиригодишната затворска казна.

 На листата се најдоа и романскиот пратеник против кого е подигнато обвинение и шпанскиот против кого не е поведена никаква судска постапка и кој се уште е во Парламентот.

Катерина Топалова