Стартува новата академска година

15.09.2016 14:38

Почна новата академска година. Бруцошите ги наполнија амфитеатрите. На првиот академски час успешни студии им посакаа ректорите, деканите, проефсорите. Ректорот на УКИМ со порака- за да постигнете успех потребни се многу труд и вложување...

Студентите се вратија во амфитеатрите, а бруцошите за првпат седнаа во клупите. На овој септемвриски ден отвораат ново поглавје во животот. Околу 700 студенти годинава се решија да студираат на ФИНКИ.

„Очекувам брзо вработување, иднина во оваа сртука.“

„Верувам дека под водство на целиот кадар на ФИНКИ секој од нас ќе добие еднаква можност да го искористи сето тоа што го има во себе, да даде се од себе“- валт бруцошите кои ги анкетиравме.

Деканот Чорбев за добредојде на новите колеги им испрати порака, зошто вреди да се студира на овој факултет.

„Ќе ве научиме да излезете од својата комфорна зона. Да развиете ваши апликации, ваши продукти, да направите ваши компании. Сакаме студенти кои ќе креираат нови иновативни производи во глобални рамки“, рече деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев.

На првиот работен ден, новоизбраниот ректор на УКИМ, Никола Јанкуловски додели стипендии на 10-те најдобро рангирани матуранти. На новата генерација студенти им посака успех и им даде поддршка, за како што вели, заедно да ги минат предизвиците во следните 4 години.

„Работете вредно, соработувајте со вашите професори и посветете им се максимално на студиите, затоа што само така ќе успеете, и со вас ќе се гордеат и вашите родители и ние“, нагласи ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.

На првиот академски час питомците и студентите на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ успех им посака претседателот Иванов. Овој ден со низа свечености беше одбележан на сите пет државни универзитети.

Само УКИМ годинава пречека околу 10.000 бруцоши.

 

Викторија Милевска