Средба Вељаноски- Вуцис во Стразбур
Во Стразбур средба на претседателот на Собранието, Вељаноски и неговиот грчки колега Николаос Вуцис. Вељаноски со став- политичарите треба да се посветат на изнаоѓање на начини како да се сопре спиралата на емитирање на неповолни вести. Во однос на спорот за името, Вуцис истакнал дека истиот треба да се реши на меѓународно ниво, со помош на меѓународното посредништвото кое веќе е воспоставено, и потенцирал дека се надева на поскоро решение кое ќе го прифатат двете страни...

Конференцијата на претседателите на Националните парламенти на земјите членки на Советот на Европа, која што се одржува денес и утре во Стразбур, е добра прилика за да се остварат и билатерални средби, како таа што се одржа рано изутринава меѓу претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски и претседателот на грчкиот Парламент Николаос Вуцис.
Претседателот Вељаноски истакна дека политичарите треба да се посветат на изнаоѓање на начини како да се сопре спиралата на емитирање на неповолни вести, да се промовираат позитивни примери на соработка во секојдневниот живот помеѓу граѓаните и да се најдат начини на кои ќе се манифестира соработката на полиња за кои има заеднички интерес.
Претседателот Вуцис истакна дека двете земји треба да го земат примерот на помирување на Франција и Германија, кој покажа дека со заедничка соработка и искрени намери може да се надминат сите пречки за успешна заедничка иднина меѓу државите за доброто на нивните граѓани.
Во однос на спорот кој долги години е пречка во односите помеѓу Република Македонија и Република Грција, претседателот Вуцис истакна дека истиот треба да се реши на меѓународно ниво, со помош на меѓународното посредништвото кое веќе е воспоставено, и потенцираше дека се надева на поскоро решение кое ќе го прифатат двете страни. Во меѓувреме, според Вуцис треба да се гледа големата слика и да се работи на продлабочување на постоечата соработка на полињата за кои има заеднички интерес, како што се неколку проекти во однос на меѓународните инвестиции. Ова е многу значајно за двете држави да имаат уште подобра економска и бизнис соработка за поефикасна искористеност на фондовите.
На крајот на средбата соговорниците потврдија дека денешната средба е почеток на идна подлабока соработка на парламентарно ниво, која треба да претставува и поттик за подобрување на севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Грција на сите нивоа.
Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ