Маслото од канабис за тешко болните пуштено во аптеките
Маслото од канабис е пуштено во аптеките. Под строги критериуми на рецепт само по препорака на специјалист ќе може да го земаат најтешко болните пациенти од малигни заболувања и од ХИВ. Две фирми во државава побарале дозвола за одгледување на канабис...

Една недела во аптеките низ земјава се продава маслото од канабис кое е наменето за најтешко болните пациенти од малигни заболувања и ХИВ. Лекарите го препишуваат на рецепт.
Американскиот невролог Итан Русо, две децении се занимава со оваа проблематика. Вели лекувањето со масло од канабис е безбедно и ефикасно, ако се користи правилно. Лекува болести за кои конвенционалната медицина сѐ уште нема понудено ефикасен третман.
„Моето искуство како невролог покажало дека речиси една третина од моите пациенти користеле канабис заедно со други лекови за да ја лекуваат својата состојба, и тоа вообичаено имало добри резултати. Особено при затегнатост на мускулите, проблеми со болки поврзани со нервите и проблеми со спиење“, вели д-р Итан Русо, невролог.
Канабисот е растение кое може многу повеќе да биде искористено, отколку што дозволува Законот во моментов - велат од здружението „Зелена алтернатива“. Но според нив, тој е добра основа, на која треба да се работи и натаму.
„Се надевам дека во иднина ќе имаме повеќе производи од канабис и тие да бидат достапни за сите граѓани. Нелегалниот пазар може да биде сузбиен само со добри и квалитетни производи кои ќе бидат по евтина цена во аптеките, секоја друга опција ќе биде само нелегалниот пазар, а нас тоа не ни се допаѓа, правиме се за тоа да се сузбие“, изјави Давор Анѓеловски, здружение „Зелена алтернатива“.
Во агенцијата за лекови немаат евиденција колку рецепти се издадени досега, но маслото од канабис е барано.
„Интерес има, пациентите го бараат, тоа е согласно со нивата желба, пациентот мора да потпише согласност дека сака да го употребува тој препарат. Затоа е важна едукацијата на лекарите и правилниот начин на дозирање“, вели Марија Дарковска- Серафимовска , директор на Агенција за лекови.
Закон за легализација на канабисот беше донесен во март. Под строги критериуми можат да го препишуваат само специјалистите во болниците. Ако пациентот реши на своја рака да го користи, ќе биде незаконски.
Андријана Атанасовска
