Внимавајте на своите деца: Два обиди за киднапирање пријавени во полиција
Брачна двојка крстосува низ скопските населби. Демнее како грабливец по својата жртва. Целна група- децата. Два случаи се пријавени во полиција. Роднините повикуваа на поголема будност кај граѓаните и бараат засилени полициски контроли. Надлежните тврдат- се работи на разоткривање, апелираат да се пријавува секој ваков сомнителен обид...

Како добронамерници се појавуваат и ја намамуваат детската љубопитност за да ги одвлечат од групата врсници во неврат. Од 4-ти септември , брачна двојка, крстосува низ скопските населби и демне како грабливец по својата жртва. Од сите обиди, до МВР стигнале случаите од скопските населби 11 Октомви и Драчево. На социјалните мрежи се споменуваат повеќе, во последното деноноќие уште еден нов случај. Роднините на дечињата кои беа цел на киднаперите, ја повикаа јавноста на поголема будност.
„Свеста кај народот да се разбуди, да не мислат дека секој што ќе помине покрај нив, што ќе побара од нив било што, дали е добронамерен или злонамерен. Секој треба прво добро да размисли на кого ќе му се обрати и како, а особено кон своите деца, со кого ги праќа, како ги праќа, каде ги остава...“, вели роднина на дете кое сакале да го киднапираат.
МТВ побара одговор од надлежните- до каде е истрагата за овие случаи, се работи ли за исти сторители, начинот на извшување на нападите. Има ли поврзаност меѓу нив?
„Се разговара со сите инволвирани лица и потоа од разговорите се преземаат дополнителни мерки, кои полициските службеници, инспекторите, сметаат дека се соодветни за секој поединечен случај. За некоја конкретизација не би можеле да зборуваме зошто секој слулчај е различен, а евентуално понатаму би се утврдило дали има некаква поврзаност или нема“, вели Дејана Недељковиќ од МВР.
Но, оние кои се соочиле со опасноста, бараат од властите воведување засилени полициски патроли до расветлување на случаите.
„Да се уклучат камери на самите семафори, тие од некаде би можеле да поминат. Јас верувам дека тие го менуваат изгледот, дали ставаат капи, маски, наочари, тие се решени на таква работа“, вели роднина на дете- мета на напаѓачите.
Светските искуства говорат дека во вакви случаи полицијата изработува фото робот, за да ја мобилизира јавоста. Дали ќе биде изработен во нашиот случај тоа е одлука на инспекторите, велат од МВР.
„Се појавија описи. Било кој што забележал сомнително лице, времето е круцијално, пров да се пријави во полициска станица, па после тоа да се споделуваат информации на социјалните мрежи за да бидат информирани граѓаните“, вели Недељковиќ.
Надлежните порачуваат граѓаните да не се колебаат да пријавуваат на телефонскиот број 192, во најблиската полициска станица или на веб- апликацијата Пријави лице, за што полицијата дејствува исклучиво по пријава.
Фиљана Кока