Домашните компании имаат потенцијал за соработка со странските

15.09.2016 15:54

Домашните компании имаат потенцијал да работат со странски добавувачи- велат надлежните институции. Околу 500 веќе работат директно со инвеститорите. Вкупната вредност на набавките достигнала 50 милиони евра годишно...

Околу 500 домашни компании соработуваат со странските од индустриските зони. Но, мал е бројот на компаниите од метало- преработувачка индустрија кои имаат потпишано долгорочни договори за соработка.

„Бидејќи сме извозно ориентирани, нашиот пазар е доста затворен, целта ни е да се промовираме надвор од Макеоднија“, влеи Кристина Росалиа, претставничка на домашна компанија.

Зголемена соработка и вмрежување, треба да го зголеми производството и да воведе нови технологии.­

„Извозот претставува главен двигател на постојаниот економски раст и развој и е од клучно значење за подобрување на меѓународната конкурентност на земјата“, вели  Ивана Николиќ, Агенција за странски инвестиции.

Домашните компании заработуваат вкупно 50 милиони евра годишно од нарачки што ги добиваат од компаниите лоцирани во индустриските зони.

„Производите, но и репро материјалите од македонскиот пазар имаат добар квалитет, но и пониски цени, а од друга страна домашните компании преку соработката со странските ќе го постигнат нивото на технолошко и менаџерско знаење“, смета министерот за финансии, Кирил Миноски.

Швајцарската амбасадорка во Македонија очекува компаниите да ги намалат трошоците и да ги надминат проблеми во работењето на странските пазари.

„Го поддржавме формирањето и континуираниот развој на Македонската асоцијација на металната и електро индустријата, како локално здружение во поддршка на компаниите од секторот за заеднички да се соочат со предизвиците и подобро да го искористат сопствениот потенцијал“, изјави амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Сутер.

Вкупниот извоз од зоните во првата половина од годинава изнесувал 850 милиони евра, што е зголемување за над 21% споредено со лани. Македонија најмногу извезува во Германија, Велика Британија, Србија и Грција.

 

Дијана Ценевска