СЈО: Поднесени два обвинителни предлози
Поднесени два обвинителне предлози до Основниот суд Скопје 1. Специјалното јавно обвинителство товари седум лица за уништување документи прибавени од незаконско прислушување и 14 за кривично дело- насилство...

Првиот случај се однесува на уништување службени документи за прислушувани разговори во Петтата управа во УБК, вториот за настаните во Општина Центар за ДУП „Мал ринг“. Поднесени се првите две обвиненија на Специјалното јавно обвинителство во скопскиот Кривичен суд. Во првиот случај за фалсификување службена исправа се сомничат 7 вработени во УБК. За насилство, во вториот случај се товарат 14-мина, едните поттикнувачи, другите директни извршители. Од СЈО информираат дека кривично- правните дејствија што им се ставаат на товар на обвинетите биле поврзани со неовластеното следење на комуникациите.
„Првообвинетиот во својство на службено лице во 5-та Управа во УБК незаконски формирал комисија за уништување службена документација и заедно со 6 членови на комисијата уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесувале за системите за следење на коминикациите“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.
Надлежноста на СЈО за „Мал ринг“, пак, произлегувала од содржината на прислушуваните разговори. Конкретно за разговор поврзан за закажана седница на Советот на Општина Центар на која требало да бидат поништени неколку урбанистички планови. СЈО тврди дека било извршено грубо насилство врз градоначалникот и советничката група.
„Првообвинетиот со умисла побарал, а второобвинетиот прифатил и преку трето, четврто и петто- обвинетиот го поттикнал дел од членството на партијата во група од повеќе лица да извршат грубо насилство спрема градоначалникот на Општина Центар и советниците од советничката група од спротивната политичка опција“, рече обвинителката Фетаи.
Од СЈО уверуваат дека имаат доволно докази и сведоци што ќе ги поткрепат обвиненијата и очекуваат да ги прифати судот. Не го откриваат идентитетот на обвинетите и нема да бараат мерки за обезбедување присуство. Истрагата, велат, била во целост завршена, со што не постои основа за определување каква било мерка по двата предмета. СЈО и за двата случаи очекува од судот осудителни пресуди. Обвинителите од Специјалното јавно обвинителство тврдат дека не постапувале само против лица од една политичка партија, туку лица кои се огрешиле пред законот.
„Нашето постапувањето не е врзано со личностите, туку со криминалните активности. Без оглед кое и да е лицето кое сторило кривично дело ќе биде предмет на процесуирање од страна на СЈО, ако се соберат доволно релевантни докази кои упатуваат на негова инволвираност, а подоцна и на негова кривична одговорност“, вели обвинителката Ленче Ристовска.
Специјалното јавно обвинителство го достави вториот извештај за сработеното. Специјалната обвинителка Јанева изрази подготвеност да го презентира пред Советот на јавни обвинители и пред пратениците.
„Апелирам, законодавниот дом да ги донесе поднесените од моја страна измени на Законот за заштита на сведоци за да може СЈО да навлезе во сржта на предметите како што се Мартин Нешковски, Монструм и Сопот“, нагласи обвинителката Катица Јанева.
Од СЈО информираа дека била почната предистражна постапка за случајот „Монструм“. Имале увид и во целокупната документацијата што ја потпишувал градоначалникот на Битола, на кој за неколку дена му истекува мерката- куќен притвор. Информираа дека досега биле преслушани само 12 проценти од прислушуваните разговори, и дека периодот од 18 месеци за целосно истражување бил краток, и не можат со прецизност да кажат колку време е потребно да се преслушаат и другите разговори. Не обелоденија колку експерти се вклучени во нивниот тим. Јанева најави дека ќе присуствува на утрешното рочиште за предметот „Пуч“.
Наташа Гркова- Петрушевска
