Комисијата за финансирање и буџет не го прифати предлогот на опозицијата

15.09.2016 16:45

Со шест гласа „против“ и два „за“, владејачкото мнозинство во Комисијата за финансирање и буџет не го прифати предлогот на опозицијата за дополување на Законот за извршување на буџетот за 2016-та. СДСМ бараше да се зголеми транспарентноста и да се спречи можната злоупотреба при вршењето проценка и исплата на штетите од елементарните непогоди. За власта, овој предлог не држи затоа што за тоа се задолжени општинските комисии и Бирото за судски вештачења и наликува на обид за предизборно собирање поени кај граѓаните...

Опозицијата понуди дополнување во Законот за извршување на буџетот за 2016-та. Според нив, со објавување на имињата и сумите на добиената помош од ресорот за финансии, ќе се зголеми транспарентноста во трошењето народни пари и ќе се спречат евентуалните злоупотреби при обесштетување на поплавените семејства.

„Јавно да ги објавите сите тие граѓани, заедно со износот на проценетата штета и износот на исплатената штета. На тој начин ќе ги тргнеме сите сомневања за тоа дали проценката е извршена реално, дали исплатата на паричните средства се одвива тековно“, изјави Маријанчо Николов од СДСМ.

За владејачката коалиција ова е уште еден обид за собирање предизборни поени, затоа што за тоа биле задолжени општинските комисии и Бирото за вештачења, а целиот процес на обесштетување ќе бил мониториран од претставници на меѓународни институции.

„Зошто сомневања, второ дали знаете дека постојат комисии за проценка на штети. Кој е тој надвор од тие комисии, кои се стручни и релевантни за проценка на штети, ќе суди потоа дали е реална или не проценката. Убедена сум дека и овој предлог го користите како алатка предизборно да се додворите на многу не фер начин“, рече Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

При гласањето со шест гласа „против“ и два „за“, владејачкото мнозинство во Комисијата за финансирање и буџет не го прифати предлогот на опозицијата за дополување на Законот за извршување на буџетот за 2016-та.

 

Свето Николовски