Трамп и Клинтон ги претставија стратегиите за поголема безбедност на САД

16.09.2016 10:21

Американските претседателски кандидати ги претставија своите стратегии за зголемување на безбедноста на Соединетите Американски Држави преку наредбите до воените сили како врховен командант, во првото појавување на американската ТВ мрежа „Ен-Би-Си“. Трамп смета дека досегашната американска надворешна политика вовела до појава на Исламската држава, додека Клинтон оценува дека таа е добра и треба да продолжи...

Доколку биде избран за претседател, Доналд Трамп планира да им даде еден месец на американските генерали да подготват план за победа на Исламската држава. Според него, повлекувањето од Ирак без да се обезбедат нафтените полиња придонесе за појава на ИДИЛ.

„Имам значителни шанси да победам и да ја направам Америка голема повторно. Ако победам не сакам да му соопштам на непријателот што е мојот план. Можеби комбинација од мојот и планот на генералите, можеби само планот на генералите. Нема да ги повикам медиумите и да им кажам за планот. Тоа го прави Обама“, изјави Доналд Трамп.

Демократскиот кандидат Хилари Клинтон смета дека треба поголема акција против пропагандата на ИДИЛ на интернет и продолжување на истата стратегија на актуелниот претседател Барак Обама.

„Не одиме во Сирија, ќе го победиме ИДИЛ без испраќање копнени сили“, рече Хилари Клинтон.

Трамп најави дека ако стане претседател ќе ги зголеми американските воени сили и нивната борбена готовност. Клинтон и дава предност на дипломатијата пред воените операции. Според Клинтон најважната карактеристика на американскиот врховен командант е да биде стабилен, додека за Трамп да биде лидер. 

Освен за американски претседател, на 8-ми ноември ќе се гласа и за избор на сенатори, конгресмени и гувернери.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ