Владимир Мисев: партиите во коалиција секогаш прават притисок
Непристоен ултиматум - ова е ставот на политиколозите за барањето на ДУИ - или консензуален претседател или предвремени парламентарни избори. ...

Според нив, партијата на Ахмети го става премиерот Груевски пред свршен чин и сака да наметне политичка криза.
„Притисок е. Ама партиите во коалиција секогаш прават притисок и се договараат за одредени политики. Она што не би сакал да се случи е едни избори да бидат причина за да се одржуват други“ - вели политикологот Владимир Мисев.
Дали Македонија влегува во политичка криза во период кога претстојат претседателски избори? За професорката Тања Каракамишева-Јовановска, најавите од ДУИ за напуштање на Владата ако ВМРО ДПМНЕ не се откаже од нова кандидатура за Ѓорге Иванов и не прифати консензуален кандидат е класична уцена.
„Ултиуматум кој задира и во демократијата на самиот систем. Недозволиво е партија на власт да го наметнува тој политички ултиматум и да се доведат во прашање демократските процеси во земјата“ смета универзитетскиот професор Тања Каракамишева-Јовановска .
Двајцата соговорници на МТВ се согласни дека во коалицијата може да има одредени несогласувања, но дека тие треба да се решаваат на поинаков начин.
Во интервју за државната агенција МИА, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски соопшти дека утре ќе ги распише претседателските избори и ќе го соопшти датумот на нивното одржување.
