Костадиновски: Не очекувам да се укинат средствата од ЕУ за земјоделството

16.09.2016 12:20

Не очекувам да се укинат ЕУ средствата за Македонија, посебно во земјоделството, зашто за сите мерки, насоки и одредници што ни беа дадени изготвивме соодветна програма во соработка со релевантни европски претставници, рече заменик-министерот за земјоделство...

Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и амбасадата на Унгарија во Македонија, во Скопје се одржува експертска  работилница во областа на аграрот. Ќе бидат разменети искуства во доменот на ЕУ- субвенции и земјоделските статистики, регистри за вино и мрежа за сметководствени податоци од земјоделски стопанства.

Не очекувам да се укинат ЕУ средствата за Македонија, посебно во земјоделството, зашто за сите мерки, насоки и одредници што ни беа дадени изготвивме соодветна програма во соработка со релевантни европски претставници, рече заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски по денешната работилница за европските субвенции и земјоделските статистики.

Костадиновски истакна дека Програмата е доставена до Европската комисија и се чека одговор, додавајќи дека засега нема сигнал дека Програмата ќе биде одбиена или нема да се одобрат средства за поддршка на македонското земјоделство.