Случај „Пуч“: Одложен судскиот процес, ново рочиште на 1-ви ноември
Одложен е судскиот процес за случајот „Пуч“. Продолжението и новото рочиште е закажано за 1-ви ноември...

Еден од поротниците се разболел и не дојде на главната расправа. Тоа беше причината за одложување на судењето за случајот „Пуч“. Некомплетниот состав на Судечкиот совет закажа ново рочиште за први ноември. За лидерот на опозицијата Зоран Заев којшто е четврто обвинет, ваквата одлука, како што рече судот ја донел под притисок на власта.
„Денеска не се оддржа рочиште заради тоа што главниот сведок, единствениот сведок, Никола Груевски одлучи да не се појави или Судот му беше кажано да не му достави покана. Но, за да биде дополнително покриен наводно бил спречен еден од двајцата поротници да биде присутен иако законот определува и замена на поротници кога тоа е најавено ако некој од поротниците не може да дојде“, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Судот проценил дека екс-премиерот Никола Груевски кој се јавува во улога на сведок и оштетен нема потреба да го повика на главната расправа, на што реагираше и Катица Јанева, специјалната обвинителка која го презеде предметот.
„Реагирав на одлуката и реагирав на одложувањето за 1-ви ноември. Сметам дека ваков предмет е од итна природа и треба да биде насочен на побрз датум, бидејќи луѓето имаат мерки на претпазливост поради кои се соочуваат со ограничување на слобода“, изјави обвинителката Катица Јанева.
Освен Зоран Заев, во случајот „Пуч“ обвинети се и поранешниот разузнувач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, еден вработен во општина Струмица и еден во МВР. Се товарат за шпионажа и за вршење насилство врз највисоките државни органи.
Анита Димитријевска
