Тензично почна надзорната расправа за поплавите во Скопско

16.09.2016 13:14

Пратениците влегоа во жестока расправа за начинот на кој се води расправата и во тензична атмосфера беше дадена пауза...

Собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска ја почна  надзорната расправа за последните поплави што го зафатија Скопскиот регион. Но, само по дваесетина минути беше прекината. Пратениците влегоа во жестока расправа за начинот на кој се води расправата и во тензична атмосфера беше дадена пауза.

Љупчо Димовски рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја поддржуваат надзорната расправа, ги прифатија барањата на опозицијата, но не ја прифаќаат временската рамка.

За нас не е прифатлива временската рамка за сослушување на сведоците, затоа што на овој начин никако нема да се дознае вистината и дополнително, опозицијата ќе може да го злоупотреби времето за одговор на сведокот. Ова ќе влијае на целата атмосфера која ја има од самиот почеток на надзорната расправа- рече Димовски.

Пратеникот од СДСМ, Горан Сугаревски довикуваше дека со ова, ВМРО-ДПМНЕ само покажува дека се плаши од вистината. Тој протестно ја напушти салата, по што пратениците отидоа на пауза.

Целта на оваа надзорна расправа е да се согледаат и лоцираат пропустите кои институциите и органите ги направиле, затоа одговорноста за тоа што се случи не смее да се заборави иако веќе поминаа 40 дена од поплавите. Некој да поднесе одговорност, да поднесе оставка од морални причини, рече претседателот на Комисијата, Панче Орцев од СДСМ.

На надзорната расправа присуствуваат и министерот за земјоделство Михаил Цветков, поранешниот минитер за внатрешни работи, Митко Чавков, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, како и директорите на УХМР и ДЗС.

На надзорната расправа се очекува да присуствуваат и поранешни премиери, и тоа Груевски по барање на СДСМ, Црвенковски, Бучковски и Костов по барање на ВМРО-ДПМНЕ.

Расправата се очекува да продолжи откако пратеничките групи ќе се договорат околу тоа како ќе се одвива.