Самит во Братислава: Лидерите на ЕУ решаваат за иднината на блокот
Во Братислава почна неформалниот самит на земјите членки на ЕУ посветен на иднината на заедницата. Во фокусот ќе бидат безбедноста и мигрантите, вработувањето, економскиот раст.

Лидерите на 27-те земји-членки од ЕУ решаваат за иднината на блокот по британскиот Брегзит. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск ги повика да ги разгледуваат проблемите трезвено и со, како што вели, „брутална искреност“ за да се запре масовното ширење на евроскептицизмот. Централниот и источниот дел од Европа сакаат да си вратат дел од контролата која ја држи Брисел. За северните земји, јужните делови се одговорност на Еврозоната. Медитеранските држави не се согласуваат со строгите мерки на Германија. И покрај поделените ставови, 27-те членки денеска прават обид да бидат едногласни за трите најсериозни проблеми: миграцијата, безбедноста и глобализацијата.
„Драго ми е што сум во Братислава. Имаме агенда за критичната ситуација во која се наоѓаме. Треба да покажеме дека може да бидеме подобри во однос на безбедноста, надворешна безбедност, вработувањата, економскиот раст, па и дигиталниот развој. Зборуваме и за можностите за младите, за обезбедувањето на границите поради бегалскиот бран“, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел.
Претседателот на Франција ја подели проблематиката во три категории.
„Европа се соочува со предизвици. Повеќето од присутните денес делат иста амбиција, да создадеме агнеда со три принципи: враќање на довербата во европскиот проект, подобра безбедносна состојба и подобра економија“, рече францускиот претседател, Франсоа Оланд.
За словачките власти, самитот во Братислава има историско значење.
„Најважно е да се запре песимизмот, но и ризикот од последователни референдуми по британскиот брегзит и секакви обиди за ослабнување на унијата“, изјави Роберт Фицо, премиер на Словачка.
„Самитот е историски зашто досега лидерите се среќаваа во Брисел кога требаше да решаваат некое прашање. За прв во десет години дојдоа на друга локација. За прв пат заседаваат 27 членки без Обединетото Кралство. И за прв пат дискутираме конкретно за унијата поради референдумот на Британија“, вели Мирослав Лајчек, министер за надворешни работи и европски прашања на Словачка.
Состанокот во Братислава е првиот од серијата средби коишто завршуваат во март во италијанската претстолнина на прославувањето на 60-годишнината од Договорите во Рим со кој беше основана ЕУ.
Формалните преговори за Брегзит стартуваат во 2017 година, а прироритетно прашање е пристапот за Обединетото Кралство кон европскиот единствен пазар и слободното движење на работниците во Велика Британија.
