Втора генерација магистри од универзитетот „Франклин“ во Македонија
Доделени дипломите на втората генерација магистри за бизнис и администрација на подружницата на универзитетот „Франклин“ од Охајо во Македонија. Познатиот американски универзитет, кој постои од 1902 година, од 2010 година има одобрение за високообразовна дејност во Македонија...

Тринаесет македонски студенти ги добија дипломите од реномираниот универзитет „Франклин“ од Охајо. По двегодишните студии тие станаа магистри на оваа престижна институција, рангирана меѓу првите 100 во светот. Од 2010-та магистерската програма е достапна на универзитетот „Св. Климент Охридски“. Професорите и ректорот им порачаа на магистрите - максимално да ги искористат целото знаење и потенцијал.
„Се разбира предизвиците се пред вас, вие мора да ја имате желбата да одите понатаму, а ние сме тука да се најдеме на патот кон вашиот успех“, изјави Сашо Коруновски, ректор на универзитетот „Св. Климент Охридски“.
И заменик- министерот за образование спиро ристовски им посака успех на магистрите.
„Како магистри на Франклин универзитетот вие сте дел од едно глобално семејство, а со стекнатата диплома сте конкурентни на домашниот, и секако глобалниот пазар“, нагласи Ристовски.
Годинава државата стипендираше осум, а универзитетот „Франклин“ пет студенти. Ова е втора генерација дипломци на магистерската програма.
Викторија Милевска
