Прекројувањето на изборниците единици ќе се разгледува на меѓупартиска координација в понеделник
Прекројувањето на изборниците единици поради остапувањето во шестката ќе се разгледува на меѓупартиска координација в понеделник. Талат Џафери вели дека ја доставил драфт- веризијата до партиските групи...

Во понеделник на меѓупартиската координација во Собрание пратеникот Талат Џафери очекува да се добијат првите сигнали околу неговиот предлог за прекројување на изборните единици поради вишокот гласачи во 6-та. Предлозите, вели Џафери за МТВ ги доставил до сите координатори, се надева дека во понеделник ќе започнат со конкретни разговори.
„Да можеме со консензус да ја усвојиме потребната промена на изборниот законик од аспект на урамнотежување на изборните единици. Со тоа ќе треба да ја обезбедиме тежината на гласот, односно тежината на мандатот да биде иста и рамноправна за сите изборни единици“, изјави Џафери.
ДПА останува на ставот дека треба по долгорочно решение со еднаков број на избирачи во сите изборните единици.
„Изедначувањето на гласот се постигнува само тогаш доколку сите изборни единици имаат ист број на гласачи или другата алтертнатива е- нека останат вакви какви што се границите на изборните единици, но секоја од нив нека дава пратеник пропорционално со бројот на гласачите што го имаат“, изјави Беким Фазлиу од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ деновиве ќе ги анализира предлозите од ДУИ.
„Тоа што е надвор од закон треба да се усогласи, тоа што е во рамки на закон си е усогласено“, изјави Илија Димовски.
Социјал- демократите иако инсистираат на Македонија- една изборна единица, сепак велат дека проблемот со 6-ката мора да се реши.
„Сега законот е јасен, не гледам тука никаков политички проблем“, вели Дамјан Манчевски.
Во меѓувреме ДИК останува воздржана чекајќи го исходот. Прекројување е потребно, рече Чичаковски бидејќи во спротивно се нарушува еднаквото право на глас на граѓаните.
Дали партиите експерсно ќе се договорат или ќе има натегања околу прекројувањето на 6-та изборна единица останува да се види следната недела.
Миле Ристески
