Уапсени петмина осомничени за бомбашкиот напад во Њујорк
Гувернерот на државата Њујорк, Ендру Куомо изјави дека властите немаат докази дека се работи за терористички напад.

ФБИ уапси петмина мажи осомничени за извршување на бомбашкиот напад во Њујорк во кој се повредени 29 луѓе. Акцијата била спроведена додека се движеле со возило преку мост во Бруклин и оделе веројатно кон аеродромот. Двата уреди биле импровизирани експлозиви поставени во сад за готвење. Полицијата пронашла и друг експлозив коЈ не бил детониран. Во тек е истрага дали овие два се поврзани и со бомбата која беше активирана за време на хуманитарната трка во Њу Џерзи.
„Бев во спалната соба кога се случи експлозијата. Го отворив прозорецот и видов полициски возила. Излеговме сите, не знаевме што точно се случува. Јас живеам на деветтиот кат и детонацијата беше многу силна.“
„Се надевам на најдоброто и нема да носам брзи заклучоци. Сакам да ги видам сите факти, а не веднаш да се поврзува со терористи“, велат жителите.
Гувернерот на државата Њујорк, Ендру Куомо изјави дека властите немаат докази дека се работи за терористички напад.
„Во моментов немаме цврсти докази дека се работи за терористички напад. Истрагата е на самиот почеток. Кога ќе ја погледнам штетата, мислам дека сме среќни што немаме жртви“, рече Ендру Куомо.
Поради одржувањето на Генералното собрание на Обединетите Нации, обезбедувањето во Њујорк е зголемено.
