МТВ на терен со хеликоптерската единица на МВР

31.01.2014 18:06

Љубовта кон летањето и освојувањето на небесните височини се сон на многу млади...

Љубовта кон летањето и освојувањето на небесните височини се сон на многу млади. Така е и со Боби, пилот во полициската хеликоптерска единица. Почнал  со едриличарство, преминал на моторно летање на авион, а сега е на испит за преобука за управување хеликоптер Бел 412.

Подготовките за испитниот лет привршуваат. Се проверува леталото.

„Ми се јави желба и професионално да се бавам со воздухопловство и сега како пилот во МВР ми се исполни сонот и хобито да ги спојам со професионална работа“ - Бобан Милановски - пилот на хеликоптер

МВР располага со 7 хеликоптери од неколку типа. Во единицата има врвни професионалци со долгогодишно искуство. Летаат секаде каде што има потреба.

 „Оваа единица учествува за потребите на МВР, за потребите на специјалните единици, за посебните , за гранината линија, за сообраќајната полиција, како и за превоз на вип личности“- Драги Мицев – началник на Одделот за воздухопловна единица на МВР

Големо срце, да се сака професијата, да се има желба за напредување и добрите психофизички способности се предуслов за секој пилот.

,,Небото веќе не е лимит,, за оние што сакаат да станат пилоти. Конкурсот што го распиша МВР е веќе во тек. Неостварениот сон за некого може да стане реалност.

Има различни ситуации – од извлекување од ризични места до спасување животи. Една таква – човек се изгубил на Матка барајќи пеперутки. Но, полициските хеликоптери слетуваат на секаков терен. Боби го положи испитот. Началникот на оваа единица на младите им порача:

„Им препорачувам да се пријават на конкурсот,затоашто оваа работа покрај тоа што е опасна е интересна и возбудлива“ - Драги Мицев – началник на Одделот за воздухопловна единица на МВР

Конкурсот за нови пилоти МВР ќе трае до 21 февруари.

Наташа Гркова-Петрушевска