Напади во Њу Џерси ги вознемирија граѓаните

19.09.2016 13:15

Импровизирани експлозивни направи внесоа паника меѓу Њујорчани. Продолжува акцијата на федералното истражно биро за последните напади во Њујорк. Се уште не е потврдено дали станува збор за тероризам...

ФБИ уапси петмина мажи осомничени за извршување на бомбашкиот напад во Њујорк во кој беа повредени 29 луѓе. Акцијата била спроведена додека со возило се движеле преку мост во Бруклин и најверојатно биле упатени кон аеродромот. Двата уреда биле импровизирани експлозиви поставени во сад за готвење. Полицијата пронашла и друг експлозив кој не бил детониран. Во тек е истрага дали овие два се поврзани и со бомбата која беше активирана за време на хуманитарната трка во Њу Џерси.

„Бев во спалната соба кога се случи експлозијата. Го отворив прозорецот и видов полициски возила. Излеговме сите, не знаевме што точно се случува. Јас живеам на деветтиот кат и детонацијата беше многу силна“.

„Се надевам на најдоброто и нема да носам брзи заклучоци. Сакам да ги видам сите факти, а не веднаш да се поврзува со терористи“, велат граѓаните.

Гувернерот на државата Њујорк Ендру Куомо изјави дека властите немаат докази дека се работи за терористички напад. Поради одржувањето на генералното собрание на обединетите нации, обезбедувањето во њујорк е зголемено. Во меѓувреме, американските федерални и локални власти почнаа истрага откако бил пронајден ранец во кој биле пронајдени пет експлозивни направи во Њу Џерси. Антибомбашка единица со помош на робот ја деактивирала направата предизвикувајќи контролирана експлозија.

„Двајца мажи пребарувајќи низ ѓубре, пронашле пакет за кој мислеле дека ќе им биде од вредност. Откако го отвориле виделе жици поврзани со некаква направа, по што веднаш ја алармирале полицијата“, изјави Крис Болвејџ, градоначалник.

Полицијата ги пребарала сите канти во областа, но не нашла ништо сомнително. Сите возови кои сообраќаат низ таа област се запрени. За сега нема никакви индикации дека инцидентот е поврзан со експлозијата во Њујорк во која беа повредени 29 лица.

 

Марина Автовска