Рударство

Доцни потпишувањето документи за концесии

19.09.2016 13:39

Се очекува рестартирањето на рудниците „Злетово“ и на „Тораница“ и почетокот со работата на рудникот во „Казандол“ да го подобрат билансот на секторот рударство...

За седумте месеци од оваа година од извоз на металични руди биле инкасирани 150 милиони евра, додека увозот на рударскот сектор достигнал 110 милиони. Се очекува рестартирањето на  рудниците „Злетово“ и на „Тораница“ и почетокот со  работата на рудникот во „Казандол“ да го подобрат билансот на секторот рударство.

Доделувањето на концесиите оди според предвидената динамика, но има заостанување во потпишување на потребните документи од надлежните министерства веројатно поради политичката состојба. Се надеваме дека по изборите, од идната година, рударството ќе работи во подобри околности, изјави претседателот на Македонската асоцијација на рударство, Николајчо Николов.

Статистиката покажува дека во македонското рударство моментно се активни 173 компании кои учествуваат со 10,1 отсто во индустриското производство, додека кај преработката на неметали има 332 капацитета со 5,14 проценти учество во структурата. Бројот на вкупно вработените е 12.600 што е 1,7 отсто од вработените во земјата. Размената е генерално сведена на земјите од соседството.

Експлоатација на минерални суровини се врши на 378 локации. Доделени се концесии за истражување на 34 локации од кои 13 се за метали.