Затворените рудници донесоа пад на рударскиот сектор
За седумте месеци од оваа година од извоз на металични руди биле инкасирани 150 милиони евра, додека увозот на рударскот сектор достигнал 110 милиони. Се очекува рестартирањето на рудниците „Злетово“ и на „Тораница“ и почетокот со работата на рудникот во „Казандол“ да го подобрат билансот на секторот рударство...

Неработењето на рудниците злетово и тораница предизвика пад на производството на метални руди. Намалување на продукцијата на бакарен концентрат за седумте месеци изнесува 38,1 процентен поен во однос на истиот период лани. Истовремено опадна и продукцијата на оловниот за 37,1 и на цинковиот концентрат за 28,8 процентни поени.
„За седум месеци извозот изнесува 150 милиони евра, додека увозот е околу 110 милиона евра. Ова намерно го нагласувам за да се види дека тој сектор, металичниот, стои релативно добро за разлика од неметалите каде увозот изнесува околу 300 милиона долари, а извозот едвај педесетина милиони“, вели Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство.
Покрај актуелното рестартирање на „Злетово“ и „Тораница“, рударскиот еснаф бара од државата инвеститорите да се стимулираат да вложуваат во зголемување на производството во секторот неметали за што, според Николов, земјава има потенцијал и ресурси. И покрај политичката криза, доделувањето нови концесии се одвива без поголеми проблеми, но доцни потпишувањето на потребните документи во надлежните органи, што негативно влијае врз динамиката на отварање нови или проширување на постоечките рудници. Цените на металите на светските берзи се ниски и според Николов во моментов не им носат профит на инвеститорите.
„Цените на обоените метали се ниско стабилизирани. Нема тенденција на понатамошно паѓање, но тие цени овозможуваат рудниците да работат, но не и да создаваат профит кој е потребен за нивен развој“, нагласува Николов.
Есплоатација на минерални суровини во земјава се врши на 378 локации. Доделени се концесии за истражувања на 34 локации од кои 13 се за метали, бакар, злато, сребро, олово и цинк. Претежно на странски компании што говори за големиот интерес за инвестирање во домашното рударство.
Свето Николовски
