Воспитаната компонента во образовниот процес е запоставена

19.09.2016 15:49

Воспитаната компонента во образовниот процес е запоставена во споредба со образовната. На овој проблем треба многу да се работи бидеќи без добро воспитување е невозможно правилно насочување на сегашните и идните генерации. Ова го сметаат експертите кои учествуваат на Меѓународната научна конференција која се одржува во Охрид по повод седудесет годишнината од формирањето на Институтот по педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје.

Воспитната компонента во образовните системи според експертите е запоставена во однос на другите сегменти од процесот на образованието, особено ако се спореди со енциклопедискиот тип на учење. Тие сметаат дека се претерува со информациите и дека е штетно што толку многу се употребува интернетот.

„Мора да признаеме и да бидеме објективни дека и во структурна смисла постојат многу малку истражувачки трудови кои што се однесуваат на процесот на воспитувањето. Се забележува едно заостанување во однос на оние компоненти, образовната, функционалната и воспитната“, изјави проф. д-р Љупчо КевероскиПедагошки факултет- Скопје.

„Интернетот е една библиотека од се и сешто и колку и да има таму добри информации, има и лоши. Јас мислам дека системот треба да се насочи на оспособување на луѓето за живот, а не само да ги образува и одгледува, туку и да ги оспособува“, изјави проф. д-р Јосип МилатФилозовски факултет- Сплит.

Треба да се работи на создавање на образовни стандарди , кои подразбираат подеднакви услови за професорите и учениците на целата територија на државата.

„Постојат одредени фази на кои што треба да тргне промената на нашиот образовен систем, а тоа е создавање на еден пристоен простор во кој што едноставно децата ќе сакаат да одат во училиште, а наставниците ќе бидат многу повеќе мотивирани. Очигледно е дека некаде е загубено она што треба да претставува наставник и воспитно-образовен систем во изминатите години“, вели проф. д-р Кирил БарбареевФакултет за образовни науки- Штип.

Само на тој начин, смета Барбареев, ќе биде надминат еден од најголемите предизвици со кои се соочува македонското образование. Секој ученик да има подеднаква можност да стигне до врвот, систем кој ќе создаде простор за највисоки дострели.

 

Сашо Нелоски