До следната недела ќе се бара решение за 6-тата изборна единица
Работна група, во која се координаторите на партиите и потпретседателите на Собранието, неделава треба да разговараат за изнаоѓање решение за вишокот гласачи во 6-тата изборна единица. ДУИ достави два предлога, но партиите треба да решат за нив. Социјал-демократите немаат коментар, велат, сѐ додека не се договорат ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ...

Се договорија да се договорат. Координаторите на пратеничките групи заедно со тројцата потпредседатели на Собранието имаат цела недела како работна група да изнајдат решение за вишокот гласачи во шестата изборна единица. Појдовни се предлозите на ДУИ, прекројување на шеската или на сите изборни единици.
ДПА останува на ставот дека прагот на плус/ минус гласачи не смее да надминува еден процент, а не како сега пет. Втора опција е целосно прекројување на границите бидејќи меѓу 3-та и 6-та изборна единица со дозволениот праг на гласачи разликата била 10 проценти.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет. Треба да се реагира само за 6-та изборна единица бидејќи за поголеми прекројувања нема време, а Законот треба да се запази.
Социјал- демократите по формирањето на работната група се оградија од коментар. Ќе чекале да се договорат ДУИ и ВМРО- ДПМНЕ па потоа ќе го кажеле ставот.
На следната координација идната недела се очекува работната група да презентира конкретно решение по што претседателот Вељаноски измените во Изборниот законик би ги ставил на дневен ред.
Миле Ристески
