Изгласан ребалансот за помош на поплавените
Во Законодавниот дом изгласан ребалансот на буџетот. Со него се предвидени дополнителни средства во износ од 36,4 милиони евра за постојана резерва за надминување на последиците од поплавите на 6-ти август...

Државата целосно ќе ги обесштети луѓето од поплавените места – рече министерот за финансии Миноски на отворањето на пленарната расправа за ребалансот на Буџетот.
„Сакам да ги потсетам пратенениците на сликите од катастрофалната поплава која илјадници граѓани ги остави без ништо. Наредниве денови нема да говориме само за ребалансот на Буџетот, туку за судбината на илјадници граѓани на коишто им е потребна помош. Ги повикувам пратениците да ги земат предвид овие факти и да го поддржат ребалансот на Буџетот“, изјави Кирил Миноски, министер за финансии на Република Македонија.
Понудивме алтернатива, наместо обесшетувањето да се врши преку задолжување да се откажете од непродуктивни трошоци – реагираа пратениците од СДСМ. Го поддржаа ребалансот, но рекоа дека ќе бараат одговорност за, како што велат, потфрлањето на институциите. Апелираа обесшетувањето да се изврши во наредните 10 дена.
„Се надевам дека Министерството за финансии е подготвено и веќе од утре ќе почне да ги обесштетува граѓаните. Навистина има потреба од финансиски средства за овие граѓани и тоа што е можно поскоро“, изјави Марјанчо Николов, пратеник од СДСМ.
„После неколку денови колку што е процедурата за Буџетот да стане ефектитвен и одлуката да биде објавена во Службен весник, Владата ќе почне 100% да ги обесшетува сите загрозени семејства“, изјави Крсто Мукоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Кој, што и како направил – теми за дискусија меѓу пратениците од ДПА и од ДУИ.
„Не можете да поддржите еден амандман на ДПА за регулација на каналот во Арачиново со 50 илјади евра“, изјави Ернад Фејзула, пратеник од ДПА.
„Ние немаме сила да спречиме елементарни непогоди, но ние ја споделивме болката и помогнавме со сите капацитети“, изјави Мирван Џемаиљи, пратеник од ДУИ.
Со ребалансот се предвидуваат дополнителни средства од 2 милијарди 240 милиони денари, односно околу 36,4 милиони евра за постојана резерва за надминување на последиците од поплавите на 6-ти август.
Парите ќе се обезбедат и преку заштеда кај одредени буџетски корисници и преку зголемување на дефицитот. Проектираните приходи остануваат непроменети, расходите се зголемуваат, буџетскиот дефицит се ревидира на ниво од 4 проценти од БДП. Ова е втор ребаланс на Буџетот по оној од јули годинава.
Мартин Пушевски
