Иванов- Туск: Проширувањето на ЕУ да продолжи
Мигранската криза во Европа и светот беше во фокусот на вниманието на светската организација во Њујорк. Македонија ги штити европските граници, но не може да прими повеќе бегалци, истакна во обраќањето на пленарната седница за мигранти и бегалци, претседателот Ѓорге Иванов. Бегалската криза и евроинтеграциите биле тема на средбата меѓу Иванов со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск...

Предизвиците од мигрантската криза биле тема на средбата меѓу претседателот Иванов и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск. Иванов истакнал дека Македонија сѐ уште нема пристап до базите на податоци на Унијата за мигрантите и странските борци иако ги штити надворешните граници на Унијата. И покрај предизвиците со кои се соочува ЕУ, Македонија и целиот Балкан треба што поскоро да се интегрира во Европската Унија, со што ќе се консолидира и Унијата, истакнал шефот на државата на средбата со претседателот на Европскиот Совет.
Иванов имаше средба и со премиерот на Кралството Норвешка, на која биле потврдени одличните билатерални односи и норвешката поддршка на македонските евроинтеграции.
„Македонија ќе делува во насока на заштита на националната безбедност. Какво било решение кое вклучува прием и смесување на мигранти и отворање на бегалски кампови во земји кои не се членки на ЕУ нема да биде одржливо и не смее да биде дозволено. Ние немаме ниту капацитет, ниту ресурси за да се справиме со очекуваниот обем на мигранти. Во таков случај, сосема е веројатно дестабилизирање на државата“, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Македонија побара заеднички пристап за справување со мигранската криза и за намалување на безбедносните ризици. Ја презедовме одговорноста да бидеме чувар на портите на Европа, истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на пленарната седница за движење на мигранти и бегалци во Обединетите Нации. Шефот на државата упати порака до Европската Унија да и помогне на Македонија, за да Македонија и помогне на Унијата.
Конфликтите се причината за бегалците во светот. Земјите членки на ОН расправаат како да се стави крај на конфликтите и со тоа и на мигранските кризи.
Ирина Гелевска, специјален известувач од Њујорк за МРТ
