Сирија: 12 жртви во напад на хуманитеран конвој кај Алепо
12 жртви во нападот врз хуманитарен конвој кај сириски Алепо. Обединетите нации ги откажаа сите достави на помош за Сирија. Одговорноста за нападот не ја презеде никој...

Американската влада најстрого го осуди нападот врз хуманитарниот конвој кај сирискиот град Алепо во кој загинаа 12 луѓе. Обединетите Нации потврија дека биле уништени камиони неколку часа откако војската прогласи крај на примирјето договорено меѓу САД и Русија. Поради повторните немири, се прекинати сите достави на помош во Сирија.
Официјален Вашингтон најави дека ќе ги преиспита условите за натамошна соработка со Москва, бидејќи дестинацијата на конвојот им била позната на сирискиот режим и на Руската федерација. Според Сириската опсерваторија за човекови права, зад нападот стојат или сириски или руски авиони. Официјален Дамаск се уште не даде коментар.
Во првата фаза од договорот меѓу САД и Русија беше предвиден седумдневен прекин на борбите. Во втората фаза, требаше да се формира заеднички координативен центар за планирање воени напади врз позициите на Исламска држава и милитантите на Ал Каеда.
„Сакаме да прекинат насилствата и хуманитарната помош да пристигнува каде што треба, па потоа ќе зборуваме за формирање на заеднички центар. А како резултат на тоа, очекуваме воздухопловните сили на Асад веќе да не летаат во тие области“, изајви Џон Кирби, портпарол на американскиот Стејт Департмент.
Седумдневното примирје беше прекршено неколкупати. ОН ги обвинија владините трупи дека ја спречуваат испораката, а руските претставници дека бунтовниците отвораат оган врз патиштата за испорака на помошта.
