Скроен буџетот за 2017-та година
Предлог буџетот за 2017-та стигна во Собранието. Државната каса ќе тежи 3,3 милијарди евра. Проектиран економски раст од три проценти, исто толкав буџетски дефицит. Според министерот за финансии Миноски, капиталните иневстиции се повисоки за 20 проценти. Опизициската СДСМ со став- ако се усвои, буџетот ќе претрпи темелна ревизија...

Економски раст од 3 проценти, повисоки приходи и расходи, буџетски дефицит од 3 насто од БДП. Министерството за финансии ја скрои државната каса за в година, тешка 3,3 милијарди евра.
„Вака планираните приходи и расходи обезбедуваат етапна консолидација на јавните финансии, односно намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 3% од БДП или 18,6 милијарди денари“, изјави Кирил Миноски, министер за финансии на Македонија.
Министерот за финансии рече дека очекуваат поголем извоз за 6 проценти и увоз за 4,7 насто, зголемени бруто инвестиции, јавна и приватна потрошувачка, редовно исплаќање на плати, пензии зголемени за 5 проценти, субвенции, социјални трансфери. Капиталните инвестиции се за 20 насто повисоки– соопшти Миноски.
„Очекуваме вработеноста и просечната бруто-плата да се зголемат за 1,8 проценти. Капиталните инвестиции се планирани на рекорден износ од 26,95 милијарди денари. Тие имаат приоритено значење во креирањето на фискалната политика, подобрувањето на економските перформанси и на квалитетот на животот на граѓаните“, нагласи Миноски.
Кај капиталните расходи, приоритет автопатот на Коридорот 10, железницата, енергетската и комуналната инфраструктура, клиничките центри во Скопје и во Штип.
Според Миноски, проекцијата за раст е реална, предвид биле земени очекувањата за глобалниот раст, ефектите од Брегзитот, разрешувањето на домашната политичка криза.
Владата го достави предлогот до Собранието. Опозициската СДСМ предупреди дека ако мнозинството го усвои, Буџетот ќе претрпи темелна ревизија. Според Социјалдемократите, Владата не смее да носи сериозни акти како буџет, бидејќи е техничка и формирана исклучиво за организирање и спроведување на изборите.
Опозицијата веќе излезе со став за времено финансирање, без да се загрози исплатата на тековните трошоци. Миноски, пак, вели дека нивна обврска е да го изготват предлогот, а пратениците треба да решат дали ќе се донесе до распуштањето на Парламентот или ќе се оди на времено финансирање.
Мартин Пушевски
