Синдикалците бараат зголемување на минималната плата

20.09.2016 16:27

Работниците во Македонија примаат најниска минимална плата во Европа, поради тоа Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството се залага таа во иднина да изнесува најмалку двеста евра. На шеснаесеттиот конгрес на овој Синдикат се усвоени резолуции и за скратување на времето за склучување работен однос, формирање специјални одделенија во судовите за работнички спорови и зголемување на обештетувањето при отпуштање на работниците...

Сите податоци од регионот и Европа укажуваат дека Република Македонија најниско котира со минималната плата и дека таа е далеку од она што значат потреби на работниците. Поради тоа членовите на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство од Охрид упатија порака до социјалните партнери дека мора да се договори повисока минимална плата.

„Во никој случај помалку од 200 евра, за повеќе можеме да разговараме. Очекуваме да добиеме подршка од другите синдикати во Македонија, што за жал ако се вратиме во минатото имаме подруги случаи. Меѓутоа овој пат мислам дека сите ќе застанеме и дека мора да се помести оваа граница“, вели Пеце Ристески, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство на Република Македонија.

Идејата за идно социјално партнерство е токму зголемување на минималната плата, но и да се спречат малверзациите на одредени работодавачи кои не ги исполнуваат основните обврски кон вработените.

„Ние во потполност ја подржуваме резолуцијата која што денеска ќе ја донесе синдикатот по однос на зголемување на минималната плата на 12.000 денари. Затоа што ако реално ги следиме показаталите кои што ни стигаат во вид на претставки и во вид на извршени инспекциски надзори и изречени мерки од државниот трудов инспекторат, се гледа дека законот за минимална плата не го почитуваат сите во Република Македонија“, изјави Фросина Ременски, министер за труд и социјална политика.

Синдикалците покрај резолуција за минимална плата усвоија уште три, кои се однесуваат на скратување на времето за склучување на работен однос, формирање на специјални одделенија во судовите за работнички спорови и за зголемување на обештетувањето при испратнини.

 

Сашо Нелоски