Песимистични прогнози од САД и од Русија за Сирија
Обединетите нации ги откажаа сите достави на помош за Сирија по нападот врз хуманитраниот конвој кај Алепо во кој загинаа 20 луѓе. САД и Русија со песимистични прогнози за натамошниот развој на настаните во завојуваната Сирија.

Американската влада најстрого го осуди нападот врз хуманитарниот конвој кај сирискиот град Алепо во кој загинаа 20 луѓе. Обединетите Нации потврија дека биле уништени камиони неколку часа откако војската прогласи крај на примирјето договорено меѓу САД и Русија. Поради повторните немири, Организацијата ги прекина сите достави на помош во Сирија.
Официјален Вашингтон планира да ги преиспита условите за натамошна соработка со Москва, бидејќи, според американските власти, дестинацијата на конвојот им била позната на сирискиот режим и на Руската федерација. Но од руското министерство за одбрана негираат, нагласувајќи дека само милитантите имаат информација за локациите на конвојот. Прогнозите од Кремљ за повторен прекин на огнот се песимистични.
„Загрижени сме поради офанзивата од исламистите на Фронтот ал Нусра. Потребно е да се прекине со пукање и терористите да не ги напаѓаат оружените сили на Сирија. Секако, би било добро и доколку нашите американски колеги не ги бомбардираат Сиријците по грешка“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Песков нагласи дека Ал Нусра веројатно го искористила седумдневното примирје за да го надополни арсеналот и да се прегрупира.
Во првата фаза од договорот склучен меѓу Вашингтон и Москва беше предвиден седумдневен прекин на борбите. Во втората фаза-формирање заеднички координативен центар за планирање воени напади врз позициите на Исламската држава и на Ал Каеда.
„Сакаме да прекинат насилствата и хуманитарната помош да пристигнува каде што треба, па потоа ќе зборуваме за формирање на заеднички центар. А како резултат на тоа, очекуваме воздухопловните сили на Асад веќе да не летаат во тие области“, изјави Џон Кирби, портпарол на Стејт Департментот.
Примирјето беше прекршено неколкупати. Воените авиони на коалицијата предводени од САД која се бори против Исламска држава бомбардираа делови во кои е стационирана сириската војска. Голем број од населението мораше да избега од воените жаришта.
