Три денари субвенции за килограм откупено грозје „вранец“ ќе добиваат винариите

20.09.2016 16:43

Лозарите во Тиквешијата алармираат дека се продлабочува проблемот со откупот на грозјето, особено од сортата „вранец“. Нивното здружение смета дека мал придонес кон скоро решение ќе биде одлуката на ресорното министерство со три денари по килограм да ги поттикне винариите за зголемување на откупот...

Винариите ќе добијат субвенции по три денари за килограм откупено винско грозје за количини кои се над 60 проценти, но не повеќе од 130 отсто во споредба со ланските откупени количини од сортата „вранец“. Оваа одлука, е донесена по најавата на винариите дека ќе го намалат откупот на грозјето бидејќи, на европскиот пазар тоа се продава по пониска цена.

Според министерот Цветков се предвидува да се откупат околу 30 до 35 милиони килограми „вранец“. Министерот посочува бербата да се договара со винариите поради нивниот технолошки капацитет, за да не останува неоткупено грозје.

До вчера вкупно биле откупени над 43 милиони килограми грозје од сите сорти. Но, според Сојузот на лозарите во Тиквешко откупени се мали количини од сортата вранец.

Како заштитина мерка за лозарите, државата веќе ги казнува неодговорните откупувачи. Годинава една винарија ја загуби лиценцата заради неисплатен лански долг.

 

Дијана Ценевска