Финансии

Скроен буџетот за 2017-та, државната каса ќе тежи рекордни 3,3 милијарди евра

20.09.2016 17:01

Предлог буџетот за 2017-та стигна во Собранието. Државната каса ќе тежи рекордни 3,3 милијарди евра. Проектиран економски раст од три проценти, исто толкав буџетски дефицит. Според министерот за финансии Миноски- капиталните иневстиции се повисоки за 20 проценти. За опозициската СДСМ предлог касата е список на желби...

Економски раст од 3 проценти, повисоки приходи и расходи, буџетски дефицит од 3 насто од БДП. Министерството за финансии ја скрои државната каса за в година,  тешка 3,3 милијарди евра, Владата го достави предлогот до Собранието.

„Вака планираните приходи и расходи обезбедуваат етапна консолидација на јавните финансии, односно намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 3% од БДП или 18,6 милијарди денари“, изјави Кирил Миноски, министер за финансии на Македонија.

Министерот за финансии рече дека очекуваат поголем извоз за 6 проценти и увоз за 4,7 насто, зголемени бруто инвестиции, јавна и приватна потрошувачка, редовно исплаќање на плати, пензии зголемени за 5 проценти, субвенции, социјални трансфери. Предвидените средства за капитални инвестиции се за 20 насто повисоки –  соопшти Миноски, изнесуваат 438 милиони евра.

„Очекуваме вработеноста и просечната бруто-плата да се зголемат за 1,8 проценти. Капиталните инвестиции се планирани на рекорден износ од 26,95 милијарди денари. Тие имаат приоритено значење во креирањето на фискалната политика, подобрувањето на економските перформанси и на квалитетот на животот на граѓаните“, рече Миноски.

Кај капиталните расходи, приоритет автопатот на Коридорот 10, железницата, енергетската и комуналната инфраструктура, клиничките центри во Скопје и во Штип.

Според Миноски, проекцијата за Буџетот е реална,  предвид биле земени очекувањата за глобалниот раст, ефектите од Брегзитот, разрешувањето на домашната политичка криза.

Од опозициската СДСМ, пак, најавија темелна ревизија на државната каса. Сметаат дека предложениот Буџет е список со желби, економски нелогичен, бидејќи според СДСМ, се очекувало приходите да се зголемат за 218 милиони евра при иста економска ситуација.

„Од каде Владата ќе ги најде овие пари, ако се има предвид дека бројот на блокирани сметки на граѓаните и на компаниите постојано се зголемува? Владата од старт ја уништи дебатата за овој Буџет, нудејќи нереален Буџет што не може да се остварти“, изјави Марјанчо Николов, пратеник од СДСМ.

„Нашите проекции се дека Буџетот е остварлив и не сфаќам дека е негативно тоа што говорите дека е тежок. Потребно е да ги собереме планираните приходи. За нас, Буџетот е развоен, бидејќи предвидува раст на БДП од 3%“, изјави Крсто Мукоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Николов, деловнички нема можност да се блокира расправата. Тој најави дека пратениците од СДСМ ќе поднесат амандмани на Буџетот.

 

Мартин Пушевски