Ердоган: Ѓулен е закана за 170 земји во светот

21.09.2016 10:39

Во обраќањето пред Генералното собрание на ОН во Њујорк, Ердоган нагласи дека „илегалните структури“ на имамот се закана за повеќето членки на Организацијата.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги повика светските лидери да преземат мерки против како што вели „терористичката мрежа“ на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, обвинет за обидот за државен удар во Турција. Во обраќањето пред Генералното собрание на ОН во Њујорк, Ердоган нагласи дека „илегалните структури“ на имамот се закана за повеќето членки на Организацијата.

„Оваа организација не претставува закана само за Турција, туку и за сите 170 земји во светот во кои таа има свои институции и активности“, нагласи Ердоган.

Анкара побара САД да го екстрадираат Ѓулен, но Вашингтон инсистира да се обезбедат јасни и цврсти докази против имамот за да се одобри испорачувањето.

Во однос на состoјбата во Сирија, Ердоган се пофали дека турската интервенција воспоставила мир, рамнотежа и стабилност во регионот, каде според него, владее безнадежност.

Благодарение на нашата операција ослободивме два града и ја поместивме линијата меѓу Џараблус и Азаз, со што создадовме зона на мирот. Целта на нашата акција е создавање на безбедносна зона“, рече Ердоган.

По серијата напади на домашен терен, турските сили почнаа војна против сите терористички организации, вклучувајќи ја и Работничката партија на Курдистан која веќе три децении води вооружена кампања против официјална Анкара.