Објавен тендер за втората делница на експресниот пат Прилеп - Градско
Во соработка со Европската унија е објавен меѓународен тендер за изградба на втората делница од експресниот пат Прилеп- Градско, во должина од 15 километри. Инвестицијата е над 80 милиони евра...

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски кој учествува на „Инотранс“, најголемиот саем за железнички транспорт во светот, потврди дека во соработка со Европската унија е објавен меѓународен тендер за изградба на втората делница од експресниот пат Прилеп- Градско, во должина од 15 километри. Инвестицијата е над 80 милиони евра.
Зборуваме за 15-километарско поврзување од Прилеп кон Градско, значи дополнување на експресниот пат, инвестиција којашто е многу важна за Република Македонија затоа што целата инвестиција би изнесувала преку 80 милиони евра. Што значи дека вториот сегмент заедно со Европската унија која го распишува тендерот е многу добар мотив за нас да продолжиме понатаму и во процедурите за третиот дел од етапата Градско - Прилеп. Овој проект е поделен на три етапи, првата веќе се гради, втората се распишува, третата ќе ја градиме во текот на следните години. Тоа значи дека до крајот на годината ќе избереме изведувач, односно ќе завршат оние подготовки за изведувач и по процедурата што следи за да се потпишат договорите некаде во првата половина на наредната година да можеме да започнеме со градба, изјави министерот Мисајловски.
Делница треба да биде готова до 2019 година.
