Ангелов: Мерките за доверба меѓу Македонија и Грција даваат резултат

21.09.2016 12:56

Двете земји независно од проблемот со името се фокусирани на мерките за градење доверба и на соработката во повеќе области.

Се наоѓаме во период на интензивна соработка без преседан и тоа влева надеж за билатералните односи меѓу Македонија и Грција, рече македонскиот амбасадор Дарко Ангелов на синоќешната прослава за Денот на независноста. Двете земји независно од проблемот со името се фокусирани на мерките за градење доверба и на соработката во повеќе области.

Мислам дека е преурането да очекуваме конкретни политички исходи од тоа, во смисла на прашањето кое што не оптоварува, односно ја оптоварува Грција во врска со нас - а со тоа се блокираат нашите интегративни процеси, но во делот на практичната, оперативна соработка, мислам дека стигнуваме во оној период каде што многу наскоро ќе можеме да претставиме и конкретни ефекти, резултати од таа комункација, изјави Ангелов за македонските новинари во Атина.

Тој истакна дека  преку процесот за мерките за градење доверба, двете земји всушност се обидуваат да надоместат повеќе од 20 години отсуство на ресорска соработка и комуникација во различни области, соработка која што беше жртва на прашањето на името, при што некоја страна сметала дека всушност прво треба да се најде решение за името за потоа да се  дефинира нашата ресорна соработка.

На приемот присуствуваа претставници од грчкото МНР, од дипломатскиот кор, Македонци што живеат во Атина и бизнисмени.