Немири во Шарлот поради убиство на Афроамериканец
Повторно немири во САД поради убиство на Афроамериканец. Во Шарлот, Северна Каролина во судирите меѓу демонстрантите и полицијата повредени 12 чувари на редот. Демолирани се и возила...

Дванаесет полицајци се повредени во судирите со демонстрантите во американскиот град Шарлот, Северна Каролина, кои протестирале поради убиството на уште еден Афроамериканец. Демонстрантите демолирале и полициско возило. 43-годишниот Кит Скот кој беше застрелан од афроамерикански офицер им подлегна на повредите.
Полицијата во Шарлот трагала по осомничен, но виделе друго лице во автомобил. Откако забележале дека излегува со оружје, па се враќа во возилото, отвориле оган, мислејќи дека им е загрозена безбедноста.
„Ова е неподносливо. Веќе нема да мируваме. Доста не убиваа. Овој пат е доста. Нема веќе игри“, вели еден демонстрант.
Претходно полицаец застрела Афроамериканец во Тулса, Оклахома. Нередите почнаа откако властите соопштија дека Теренс Крачер бил невооружен. Полицијаците мислеле дека носи оружје во раката кога излегол од автомобилот. Подоцна утврдиле дека убиениот немал оружје ни на себе, ни во возилото.
„Баравме одговори и факти, и ги добивме преку видеото. Ужасно ни е. Итно да се поднесе тужба против овој неспособен полицаец кој го уби брат ми“, изјави Тифани Крачер.
Пред неколку месеци, слични пресметки меѓу полицијата и афроамериканските цивили се случија во Тексас и Њу Орлеанс. Најцрната статистика му припаѓа на Чикаго каде што годинава се регистрирани 487 убиства и 2800 напади со огнено оружје. Од една од градските болници велат дека секое лето примаат по десетици луѓе дневно кои биле повредени во насилства.
„Во обичен работен ден примаме и до 20 пациенти. За викендите, бројката се зголемува двојно,а во летниот период имаме драстичен скок. Годинава е особено лоша. Бројките се поголеми за 40% од просекот“, изјави Фара Бокари.
„Имам двајца синови. Веќе не сакаат да излегуваат надвор. Додека бевме во дворот на другарка ми, се појави момче и почна да пука“, вели Ајша Џоунс, жител на Чикаго.
Поради зачестените инциденти со полицијата, групите за заштита на афроамериканското население во САД ги интензивираа активностите, барајќи пред се полициски реформи и расна правда.
