Нема контролен механизам за спречување злоупотреба на полициската униформа
Советот на Европа ќе им обезбеди поддршка на националните власти за надминување на идентификуваните недостатоци и практичните слабости во заштитата на човековите права. Целта е ефикасна контрола над работата на полицијата преку воспоставување на надворешен механизам...

Државата нема контролен механизам да спречи злоупотреба на полициската униформа. Министерот за внатрешни работи признава дека во ваква ситуација, може да помогне само професионален пристап во работата.
„Затоа заедно со професионалците во МВР се определивме кон совладување на сите наследени проблеми во функционирањето на МВР што се одрази дури и до структурите на внатрешната контрола. Не се дозволиви злоупотреби на министерството и на вработените во било кој сектор на полицијата за разни други цели спротивни на граѓаните“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Само лани во Европскиот суд за човекови права се донесени 5 пресуди за Македонија поврзани со тортура од страна на полициски службеници.
„Тоа што било и се уште е предмет на постапување пред Европскиот суд за човекови права треба многу да загрижува, осбено заради тоа што секаде е утврдена иста состојба, дека се случил настан, има дејство на полиција има жалба во однос на однесувањето на полицајците и дека нема ефективна истрага“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Стразбур.
Преку проект на Европската Унија и Советот на Европа ќе се зајакнува довербата меѓу полицијата и граѓаните. Целта е ефикасна контрола над работата на полицијата.
„Еден од главните елементи е механизмот за надворешен надзор и ова е во фокусот на овој проект. Во оваа област има многу работи што треба да се завршат во однос на пресудите на судот за човекови права и други меѓународни елементи, како и извештаите на меѓународниот правобранител во земјава“, вели Тања Ван Дајк, Совет на Европа.
Проектот ќе се спроведува 18 месеци, а за него се издвоени 550 илјади евра. Довербата во полицијата беше разнишана со неколку случаи на прекумерна употреба на сила. Најкарактеристичен пример беше убиството на Мартин Нешковски од припадник на полициската единица „Тигри“.
Андријана Атанасовска
