Стручно образование со европски квалитет за намалување на невработеноста кај младите

21.09.2016 16:04

Предвидени се обуки за наставниците и директорите на стручните училишта, но и реформирање на програмите и подготовка на нови. Целта е да се поврзат завршените ученици со работодавачите и со тоа да се намали невработеноста кај младите...

Стручно образование со европски квалитет ова треба да го постигне проектот на Европската унија за модернизација на оваа област и јакнење на доживотното учење. Предвидени се обуки за наставниците и директорите на стручните училишта, но и реформирање на програмите и подготовка на нови. Целта е да се поврзат завршените ученици со работодавачите и со тоа да се намали невработеноста кај младите, рече ресорниот министер Љутфиу.

„Улогата на ценатарот за стручно образование и обука е да обезбеди професионална поддршка во градењето и постојано иновирање на системот за стручно образование според потребите на пазарот на трудот, со цел да се подобри постапката на вработување на младите“, изјави министерот за образование и наука, Пиштар Љутфиу.

Во европските земји образовните политики играат клучна улога во намалување на невработеноста кај младите. Бритаскиот и германскиот амбасадор се согласни дека реформите во образованието се неопходни.

„Овој проект ќе и помогне на Македонија да направи одржлив модел за доживотно учење. Се фокусира на стручното образование, образованието за возрасни на нивното вработување и приспособување на потребите на модерниот бизнис сектор“, изјави амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Чарлс Гарет.

„Обуката и тренингот во германија е клучниот фактор во борбата против невработеноста кај младите, но не само кај младите, туку и за да се стекнат вештини, да се зголеми продуктивноста, економски раст и на крај просперитет. Чекор по чекор и овај систем може да се префрли во Македонија“, рече германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер.

Проектот е финансиран од Европската Унија и ќе се имплементира до ноември 2017 – тата година. За таа намена ќе бидат инвестирани речиси 2 милиони евра. 

 

Викторија Милевска