„Фридрих Еберт“: Фискална консолидација и економски раст
Фискална консолидација, но не по цена да го загрози економскиот раст – препорачуваат аналитичари од фондацијата „Фридрих Еберт“. Советуваат јавниот долг да биде на одржливо ниво, објаснуваат само со повисоки стапки на раст може да се подобри стандардот на граѓаните...

Експертската група организирана од фондацијата „Фридрих Еберт“ излезе со сет препораки со кои се иницира подобрување на транспарентноста на јавниот долг, трошењата, поголема трошковна ефикасност и поефикасни капитални инвестиции. Се препорачува фискална консолидација која не смее да биде по цена на негативен, стагнантен или минимален економски раст .
„Првата препорака е поголема транспарентност, за да може владата да има корективни системи од стручната, политичката и научната јавност во врска со јавниот долг. Второто е тој на долг рок да се претвори во одржлив, затоа што нашите сознанија се дека одржлива висока стапка на макроекономски раст на Макеоднија е можна само ако имаме одржлив долг. Неодржлив долг ја минира таа состојба. На Македонија и е потребен висок раст во идните години инаку нема да се извлечеме од оваа криза, ниту пак ќе можеме квалитетно да пристапиме во ЕУ еден ден“, смета д-р Никола Поповски, универзитетски професор.
Во однос на методот за пресметка на јавниот долг готовинското кеш буџетско сметководство кое го применуваме, не дава јасна претстава затоа што има многу побарувања од приватниот сектор од буџетот кои се достасани, а се ненаплатени. Затоа Поповски препорачува по примерот на 22 земји од ЕУ и други развиени земји во светот да го применуваме пресметковното буџетско сметководство.
За макроекономските политики експертската група со препорака- во услови на политичка нестабилност и неизвесност таргетирањето на фиксниот девизен курс се наметнува како единствена прифатлива опција.
„Ако ја мериме низ примата што е и нејзина основна задача, а тоа е контролата на инфлацијата, монетарната политика навистина заслужува преодна оценка. Ако пак оваа оценка ја ставиме во малку пошироко светло, тогаш ефектите врз останатите економски варијабли се измешани, благо речено, не се сјајни. Македонската економија во изминатиот период не постигна некои импресивни стапки на раст, стапката на невработеност е висока. Теориски фиксниот девизен курс треба да ја дисциплинира фискалната политика, но видовме дека тоа и не мора да биде случај. Не е секогаш така“, вели д-р Горан Петревски, универзитетски професор.
Експертите со препорака да се одржи развојната компонента на солидно ниво, а капиталните инвестиции да ја зголемат ефикасноста и да го подигнат квалитетот пред сѐ на инфраструктурните инвестиции.
Свето Николовски
