Во петок започнува новата 6-та сезона на музичката емисија „Стисни Плеј“

22.09.2016 08:15

20 часот и 15 минути, премиерно секој петок на МРТ1...

Во редовниот термин во којшто и досега се емитуваше на програмата на Македонската Телевизија, односно 20 часот и 15 минути, сеуште единствената емисија во домашниот телевизиски етер во целост посветена на македонската забавна музика ја продолжува својата успешна приказна.

„Во време кога македонската музика се соочува со своите најголеми предизвици, а многумина македонската музичка сцена ја оценуваат како одамна „мртва“, ние продолжуваме да веруваме во големиот неискажан талент на младите музички надежи, но и во оние коишто со години го даваат својот придонес и се заслужни за развојот на богатата музичка историја на нашата земја. Затоа „Стисни Плеј“ и натаму останува емисија сто проценти посветена на домашната, македонска музика и на сите големи фестивалски и концертни случувања коишто се организираат кај нас“ – вели Александра Јовановска, уредник и водител на „Стисни Плеј“.

За почетокот на новата сезона тимот на „Стисни Плеј“ во соработка со Пасворд Продукција, подготви специјално издание посветено на легендата на електронската музика Жан Мишел Жар. Станува збор за ексклузивно интервју снимено во студиото на Жар во Париз, како најава за неговото гостување во Скопје, на 13-ти ноември во арената Борис Трајковски, за отварањето на фестивалските активности на „Таксират“.

Дружбата со македонските музички ѕвезди и најголемите македонски хитови продолжува, се гледаме секој петок на МРТ 1 – порачуваат од тимот на „Стисни Плеј“!