Нема опасност од нови жаришта на добиточната болест син јазик

22.09.2016 10:27

Во Mакедонија нема појава на добиточната болест син јазик. Иако пред 2 години во септември оваа болест беше регистрирана и кај нас засега нема опасност од нови жаришта. Агенцијата за храна и ветеринарство превентивно го забрани увозот на живи животни од Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора каде што е забележана болеста...

Кај нас досега нема регистрирано случај на заболени говеда, овци или кози од  добиточната болест син јазик која е регистрирана во Словенија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Таа вообичаено се појавува во септември, па и ветеринарните власти реагираа превентивно со забраната за увоз на живи животни од овие земји.

Последен пат кај нас синиот јазик е регистрира пред 2 години, а ваквата забрана е редовна постапка и нема да има никакви последици за добиточниот фонд во државава. Основната причина е што Македонија и претходно никогаш не увезувала добиток од овие земји, туку најмногу од европските, односно Холандија, Данска и Унгарија.

Опасносно е, велат ветеринарите, доколку таа се појави во Бугарија или во Грција, од каде што ни дојде и последниот пат, но сега сметаат дека и штетите би требало да бидат помали поради веќе стакнатиот имунитет на животните на овој вирус.

Во 2014 година беа угинати скоро 7.000 овци, 80 кози и мал број говеда.

 

Методија Трајков