Претседателот Иванов ќе се обрати на 71-то Генерално собрание на ОН

22.09.2016 14:20

МТВ по 22 часот ќе врши директен пренос од обраќањето на претседателот Иванов на сесијата од генералната дебата на 71-то Генерално собрание на ОН..

Вечер во Обединетите нации, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ќе се обрати на сесијата на Генералното собрание, посветена на илегалната миграција. МТВ, по 22 часот ќе врши директен пренос од обраќањето.

Инаку, денеска Иванов во Њујорк се сретна со словенечкиот колега Пахор, кој порачал дека Македонија во надминувањето на разликите за името со Грција, треба да го користи примерот на Хрватска и Словенија.

Вчера, шефот на државата имаше неформална средба со американскиот претседател Обама, кој изразил поддршка на евроатлантските интеграции на Македонија.

Меѓу говорниците на сесијата од генералната дебата на 71-то Генерално собрание на ОН, на која што ќе настапи македонскиот претседател, се и литванскиот претседател Далиа Грибаускаите, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, грчкиот премиер Алексис Ципрас, српскиот премиер Александар Вучиќ, норвешкиот премиер Ерна Солберг,  државниот секретар на Ватикан кардинал Пјетро Паролин.

За време на собирот на светската организација, претседателот Иванов ќе има билатерална средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун.