Подобар третман и соодветни лекови за болните од хронична леукемија

22.09.2016 15:29

Подобар третман и соодветни лекови за болните од хронична леукемија, бара здружението кое ги застапува правата на овие пациенти. Бараат здравствените власти во земјава на позитивната листа да ја обезбедат втората генерација лекови. Во земјава има 100-тина вакви пациенти...

Подобар третман и соодветни лекови за болните од хронична леукемија- бара здружението кое ги застапува правата на овие пациенти. Апелира здравствените власти во земјава на позитивната листа да ја стават втората генерација на лекови кои се сметаат за поефикасни во однос на оние кои сега ги примаат. Во земјава има 100-тина граѓани кои живеат со оваа болест.  

„И статистички и во практика околу 30 заболени од ХМЛ во Република Македонија се без соодветна терапија. Тој број рапидно се зголемува секоја година. Зар ние како општество ќе се вброиме во неколкуте земји во светот кои немаат соодветна второлиниска терапија од ХЛМ. За потсетување во Европа нема повеќе земји кои го немаат овој лек на позитивната листа“, изјави Нино Леви- претседател на ХМЛ Здружение. 

И според лекарите проблем е терапијата, бидејќи лекот се менува секоја година. Па така, за пет години, болните примиле пет различни генерични лека. Но, смрттноста е намалена, лани починал само еден пациент.

„Годишно во Македонија имаме од 15 до 20 новозаболени пациенти. Вообичаено болеста ја напаѓа средната возраст иако за жал знаете дека имавме дете од 7-8 години“, изјави проф. д-р Александар Стојковиќ, Клиника за хематологија.

Хронична леукемија е болест која ги напаѓа крвта и коскената срж. Повеќе од 100 граѓански организации во светот кои ги штитат правата на овие болни го одбележаа Меѓународниот ден на заболените од хронична миелоична леукемија.

 

Андријана Атанасовска