Собраниска расправа за лустрацијата

22.09.2016 15:43

СДСМ бара Комисијата за верификација на фактите да престане да постои. Пратениците од опозицијата сметаат дека повеќе не е целисходно функционирањето на Лустрациска, бидејќи не може да носи нови решенија. Со тоа, според СДСМ, би се заштедиле пари во Буџетот. Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата има обврска да ги заврши отворените предмети за да се исправи историска неправда.

СДСМ побара Комисијата за верификација на фактите да престане да постои. Пратениците од опозицијата сметаат дека повеќе не е целисходно функционирањето на Лустрациска, бидејќи не може да носи нови решенија, а би се заштедиле и пари во Буџетот.

„Оваа Комисија годишно располагала со околу 3,5 илјади случаи и сега бараме за истите пари оваа Комисија за две години да реши 30 до 40 случаи колку што остануваат. Не постои рационално објаснување зошто толку средства треба да се издвојат“, изјави Лидија Димова, пратеник од СДСМ.

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата има обврска да ги заврши отворените предмети за вистината да излезе на виделина, да се исправи, како што велат, историската неправда. 

„Велите зошто и натаму да постои ваков закон? Треба да постои и да биде поригорозен, треба да постои заради правдата и заради моралната сатисфакција на фамилиите кои биле жртви на кодошите. Затоа треба да постои таква права. Некои кои линчувале луѓе биле унапредувани во функцијата, вие нив ги браните“, изјави Димитар Стевананџија, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

За опозицијата, лустрацијата се претворила во политичка пресметка со неистомислениците, за мнозинството – СДСМ ги изедначува жртвите со кодошите.

„За соработници на тајните служби се прогласуваа личности кои дале значителен придонес за развојот на нашата држава. Она што предизвика  посебен револт е фактот што почнаа да се лустрираат и мртви лица“, изјави Јулијана Силјановска, пратеник од СДСМ.

„Јас сум од семејство, жртви на такви реперкусии. Мојот свекор 10 години лежеше во затвор, со досие во кое пишуваше „за идеите на самостојна и независна Република Македонија“. Знаети ли какви се реперкусиите, се уништи едно семејство, еден живот“, изјави Лилјана Кузмановска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Мандатот на Комисијата за верификација на фактите е до конечно завршување на постапките, но не подоцна од 2 години од примената на законот донесен на 1 септември 2015 година.

„Според мене, оваа Комисија треба час поскоро да се укине. Предолг е периодот од две години да продолжат да функционираат, да не работат предмети, а да земаат плата“, изјави Горан Милевски, пратеник од ЛДП.

„Велите се трошеле многу финансиски средства? Како не водите грижа за тоа колку финансиски средства се трошат на Специјалното јавно обвинителство?“, изјави Јасминка Дамческа, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од почетокот на процесот на лустрација досега биле проверени 30 илјади носители на јавни функции, лустрирани се 300 луѓе. Во меѓувреме, Управниот суд поништи 20-ина решенија на Комисијата.    

 

Мартин Пушевски