Парите од дијаспората- гарантирана социјална заштита
Семејствата во Македонија примаат по 2.500 евра годишно како прилив од нивни блиски во странство, покажуваат резултатите од двегодишното истражување. Парите на иселениците покриваат 4 проценти од БДП...

Во просек семејствата кои примаат пари од нивни членови кои живеат во странство месечно добиваат 12 илјади 903 денари или речиси 200 евра, односно на годишно ниво околу 2.500 евра. Двегодишното истражување што било спроведено во земјите од регионот покажало дека дознаките покривале повеќе од половина од потрошувачката кај анкетираните семејства, а кај посиромашните тие учествувале со дури 91%, играјќи улога на неформална социјална заштита.
Во земјава годишно преку легални канали влегуваат најмалку 400 милиони долари во форма на дознаки, што претставува 4% од бруто домашниот производ, износ кој е сличен на странските директни инвестиции. Се проценува дека уште толку средства влегуваат во земјава преку неофицијални канали.
„Дознаките ја имаат улогата на неформална социјална заштита за примателите на дознаки Тоа го покажува фактот дека семејствата кои што примаат дознаки имаат помала веројатност да бидат сиромашни за 27%. Главната препорака до носителите на политиките е дознаките да бидат врамени во една соодветна политика каде ќе може да бидат соодветно искористени и кадешто ќе ја намалат на формален начин ранливоста на примателите на дознаки“, изајви Благица Петрески, главен економист во „Finance think“.
Најчесто парите доаѓаат од високоразвиените европски земји, САД, Австралија, Катар. Од регинот Косово прима највисок износ на дознаки во однос на БДП, над 17 насто, БИХ 11, Србија 9, Црна Гора и Албанија 8, а Македонија и Хрватска по 4%.
„Интересно е дека тој процент е поголем отколку што е учеството на странските директни инвестиции во Србија.Нашите истражувања покажуваат дека семејствата што ги добиваат тие пари ги употребуваат за најосновните потреби :храна,плаќање сметки и слично“, изјави Марко Владислављевиќ, Фондација за развој на економската наука- Србија.
Сепак во глобални рамки Киргистан е меѓу земјите рекордери во примање дознаки.
„Според последниот извештај на Светската банка, Киргистан добива околу 30% од БДП во форма на дознаки“, вели Камалбек Каримшаков, Универзитет Манас, Киргистан.
Износот на дознаки во Македонија последниве години има тренд на опаѓање, односно од 4 се симна на 3% од БДП. Во глобални рамки годинава се очекува износот на дознаки што ќе пристигнат во земјите во развој да достигне 540 милијарди долари. Рекордер е Украина каде што тие надминуваат 9,3 милијарди долари годишно и Таџикистан со 4,1 милијарда долари.
Свето Николовски