Хакери украле информации за 500 милиони корисници на „Јаху“
Во најмасовниот кибер-напад кој се случил во 2014 година, а е објавен пред јавноста дури сега, биле крадени и манипулирани кориснички имиња, лозинки и лични податоци, но не и информации од кредитни картички и банкарски сметки.

Американската интернет компанија „Јаху“ потврди дека хакери украле информации за 500 милиони нејзини корисници. Раководителите на третата по големина платформа за електронска пошта во САД, сметаат дека групата била поддржана од странска земја, но не прецизираат која.
Во најмасовниот кибер-напад кој се случил во 2014 година, а е објавен пред јавноста дури сега, биле крадени и манипулирани кориснички имиња, лозинки и лични податоци, но не и информации од кредитни картички и банкарски сметки. „Јаху“ со совет до корисниците-сменете си ги лозинките доколку не сте го направиле тоа во последниве две години.
„Немојте да мислите дека не сте во опасност ако ви украле само адреса или лозинка. Тие имаат пристап до кругот на пријатели, соработниците, односно се што сте навеле во електронската пошта. Сите информации ви се ранливи“, вели Кони Гиљермо, уредник на вести.
Случајот е даден на истрага во Федералното истражно биро.
